Зивчевиќ бесен на управата: Се сликаат на фејсбук, а баш ги заболе за играчите и за КК Куманово

Куманово си ги задржа минималните шанси за опстанок со денешниот триумф над Струмица, а најзаслужен беше Ненад Зивчевиќ, кој постигна 29 поени, седум скокови и шест асистенции. Оваа победа е целосна заслуга на карактерот на кошаркарите, кои иако повеќе од пет месеци се без земена плата стиснаа заби и стигнаа до посакуваниот триумф.

Зивчевиќ по натпреварот не го криеше разочарувањето од нечовечкиот однос на раководните луѓе на клубот и претставниците на градската општина кон оние кои ги бранат боите на КК Куманово.

„Можам да кажам дека сум горд на овие играчи, кои се вистинските херои на КК Куманово. Пет месеци без плата, без елементарни најминимални услови за тренинг и натпревари, а се собравме и сите заеднички дојдовме до победата. Од друга страна, членовите на нашиот управен одбор ги гледаме по социјалните мрежи, како се сликаат по фејсбук, како отвораат нови улици и се фалат дека се грижат за Куманово. Баш ги заболе за градот и особено за нас играчите на КК Куманово, кои се изнаслушавме празни ветувања од нив сиот овој период. Единствениот што ме контактира во овој период, барем да праша како сум и да каже фала за ова што го правам е Виктор Божиновски. Долги години сум во кошарката, фатив и некои други времиња кога почнував со професионалното играње, но вакво нешто не сум видел“, вели Зивчевиќ.

Тој настапи повреден на денешниот натпревар, по проблемот со скочниот зглоб со кој се здоби на последниот меч со Академија ФМП. Лекарските препораки биле Зивчевиќ воопшто да не игра против Струмица, но ветеранот не сакаше да ги остави соиграчите на цедило и настапи повреден.

„Велат дека сме биле неопходни да помогнеме, играв против ФМП, се повредив… и цела седмица ниту еден единствен човек од управата, истите оние кои се сликаат, не најде за сходно да ми се јави, да ме праша како сум, што треба да се направи за да можам побрзо да се вратам. Луѓето кои земаат пари како управа не можеа да ми обезбедат мраз за повредата, па ногата ми отече многу повеќе по тој меч со Академија ФМП. Следеа терапии, што нормално дека самиот си ги плаќав. Сега лекарите ми рекоа никако да не играм, дека ризикувам посериозна повреда, решив да одам против нив и да не го оставам тимот на цедило… Се што барав е да ми се обезбеди „тејп“ за да ја бандажирам ногата, и нормално ниту тоа не можеа да ми го овозможат. Ова веќе се граничи со нечовечност, да немаш грам совест што треба да направиш за оние кои гинат за дресот на Куманово. Парите што ни се должат се веќе стара вест, но сите треба да знаат каква управа има КК Куманово, не само од финансиски, туку и од организациски и пред се од човечки аспект“, револтиран е Ненад Зивчевиќ.

Кошаркарите на КК Куманово преку соопштение до јавноста минатата седмица информираа за катастрофалната состојба во која се наоѓа клубот, најавувајќи дека мечот со Струмица е последниот на кој ќе настапат. Од утре кумановци прекинуваат со тренинзи, а доколку не им бидат обезбедени парите што им се должат, ќе престанат со играње на натпревари, што може да придонесе клубот да се пресели во најнизок ранг на натпреварување.

Се вчитува...