Никос Зизис има освоено се што може да се освои во светската кошарка, а грчкиот ветеран пред крајот на кариерата реши да ја прифати понудата на Хувентуд, каде за соиграч го има младиот македонски плејмејкер, Ненад Димитријевиќ.
Во интервју дадено во пресрет на стартот на новата сезона во Еврокупот, Зизис најавува дека ова речиси сигурно ќе биде последна сезона во неговата богата кариера, но и дава оценка за квалитетите на Македонецот.
„Со 99,9% сигурност можам да кажам дека ова ќе ми биде последна сезона. Дојдов во тим со млади кошаркари на кои можам да им го пренесам моето искуство, а на крајот од сезонава и дефинитивно да се повлечам. Јас сум таков човек, не сакам само да зборувам со помладите, туку зборовите да ги претворам во дела, да им помогнам да станат подобри кошаркари. Имаме двајца млади плејмејкери, Нено има 21 година, а Артурс 19. Двајцата имаат огромен потенцијал, но и простор за напредок. Се сеќавам каков бев јас на нивна возраст, најважно од се е е да имаат желба да учат и да напредуваат секој ден, на секој тренинг. Верувам дека двајцата можат да станат врвни кошаркари, ќе бидам среќен ако помогнам во тој процес“ – истакна Зизис.
Хувентуд во првото коло од Еврокупот ќе му гостува на францускиот тим Нантер. Покрај овие два клуба, дел од групата Ц се уште и екипите на Цедевита, Дарушафака, Бреша и Уникс Казан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА