На Зинедин Зидан му заврши и вториот мандат на клупата на Реал Мадрид откако Французинот одлучи предвремено да го прекине договорот со мадридскиот клуб, а по интервјуто на стратегот во кое упати критики до раководството на клубот би било вистинско изненадување доколку добие и „трета шанса“, поготово додека Флорентино Перез е на чело на „кралскиот клуб“.
„Заминувам зошто осеќам дека клубот повеќе не ми верува. Таа доверба ми беше потребна, а клубот не ме поддржа да изградам проект на среден или долг период. Кариерата на тренер денеска во било кој голем клуб трае две сезони, не подолго од тоа. За да трае подолго неопходни се добри односи“, изјави популарниот Зизу.
Денеска во шпанските медиуми се појавија информации дека раководството на клубот е бесно на изјавата на Зидан поготово доколку се земе во предвид тоа што мадридскиот состав не ја активирал „специјалната“ клаузула во договорот на Французинот со која го обврзува тренерот да исплати 10 милиони евра доколку не го испочитува договорот.
Зинедин Зидан со Реал Мадрид три пати ја освојуваше Лигата на Шампиони, два пати шпанското првенство, три пати Суперкупот на Шпанија, два Суперкупа на УЕФА и две Светски клупски првенства на ФИФА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА