Златан нуди излез на Барса за кризата со Дани Олмо

Барселона се соочува со сериозен проблем поради одлуката на Ла Лига да не биде регистриран Дани Олмо, што практично значи дека шпанскиот репрезентативец во моментов е слободен играч и може без никаква отштета да си замине, иако Барса летово плати 65 милиони евра за да го доведе од Лајпциг.

Олмо засега е упорен на ставот дека сака да игра само за Барса, но фактот дека тоа е невозможно до јуни годинава ја прави ситуацијата крајно проблематична и за каталонскиот гигант и за самиот фудбалер.

На помош е подготвен да дојде Златан Ибрахимовиќ, за кого шпанските медиуми информираат дека веќе стапил во контакт со Жоан Лапорта нудејќи му излез од оваа непосакувана ситуација. Имено, Златан се понудил како директор на Милан да го доведе Дани Олмо во своите редови, трансфер за кој сака да добие согласност и од самиот Лапорта за да бидат забрзани преговорите со самиот фудбалер.

Имено, тој е подготвен да му понуди на Олмо договор на само шест месеци, со што офанзивниот плејмејкер би дошол во Милан како слободен играч, а потоа во текот на летото повторно би дошол назад во Барса. Бидејќи договорот на Олмо со Барселона моментно се смета за невалиден, не може да стане збор за позајмица туку само за перманентен трансфер, па останува да се види дали трите страни ќе успеат да најдат заеднички јазик и Олмо ќе го облече дресот на „росонерите“.

Се вчитува...