Златан Ибрахимовиќ ja посвети шампионската титула со Милан на починатиот агент, Мино Раиола, откривајќи дека токму тој е најзаслужниот што Ибракадабра по враќањето во Европа од МЛС-лигата потпишал за Милан.
Златан се наметна како лидер на „росонерите“ и го предводеше овој тим до феноменален успех, а при прославата не пропушти да го спомне Раиола.
„Ова скудето е за Мино Раиола, ова ми е прв трофеј што го освојувам без него. Впрочем, тој е и најзаслужниот што дојдов повторно во Милан. Наполи беше многу загреан и бев блиску до потпис, но се мислев. Тогаш се видов со Мино, кој ми рече, оди во Милан, ти си единствениот што може да го врати онаму каде што припаѓа. Не размислував многу, следниот ден седнав со челниците на Милан и веднаш се договоривме“, истакна Ибрахимовиќ.
Шведскиот голгетер се уште не знае дали ќе продолжи да игра и наредната сезона, по големите проблеми со повреди што ги имаше во текот на минатата седмица.
„Сакам да играм, но не знам колку ќе бидам во можност. Наскоро ќе минам детални прегледи, ќе видиме дали ќе морам да одам на операција и какви се прогнозите, кога и колку би можел повторно да играм фудбал. Штом ги знам сите овие работи, ќе ја донесам конечната одлука“, изјави Златан Ибрахимовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА