„Златна топка“: Многу „ѕвезди“ на едно место, Меси е супер-фаворит

Париз е денеска во центарот на вниманието на светската фудбалска јавност со оглед на фактот дека во “градот на светлината“ вечерва ќе се одржи гала-церемонија за доделување на „Златната топка“, престижно признание што традиционално на најдобриот фудбалер за секоја година го доделува „Франс Фудбал“.

Ланскиот лауреат Лука Модриќ овојпат не е ниту мeѓу финалистите, а организаторот приреди новост, па пред церемонијата не ги објави тројцата фудбалери со најмногу гласови. Ова ќе придонесе на гала-вечерата да се појават голем број фудбалски ѕвезди како Гризман, Левандовски, Тер Штеген, Де Јонг… иако е речиси сигурно дека тројцата првопласирани ќе бидат истите оние од изборот на ФИФА во септември, Лионел Меси, Кристијано Роналдо и Вирџил ван Дајк.

Апсолутен фаворит во оваа трка е Лионел Меси, кој во ЛШ беше елиминиран од Ван Дајк и Ливерпул, но сепак имаше извонредна индивидуална сезона. Меси со приватен авион отпатува за Париз, каде според неофицијалните информации нема да се појави Роналдо, уште една најава дека Португалецот нема да стигне до големото признание. Доколку триумфира, ова ќе биде шеста „Златна топка“ во кариерата на Меси (по 2009, 2010, 2011, 2012 и 2015 година), со што асот на Барса ќе стане првиот фудбалер во историјата со повеќе од пет вакви индивидуални признанија.

Се вчитува...