На денешен ден пред точно 30 години младата фудбалска репрезентација на Југославија во финалето на СП во Чиле славеше против Западна Германија со 5-4 (1-1) по подобро изведувањето пенали, закитувајќи се на тој начин со светската шампионска титула. Единствена титула светски шампион на било која селекција од поранешна СФРЈ во нејзината историја.
Златната генерација која ја предводеше Мирко Јозиќ, а со имиња како Лековиќ, Брновиќ, Бобан, Јарни, Просинечки, Штимас, Петриќ, Шукер, Мијатовиќ… комплетно доминираше на Светскиот шампионат во Чиле сосема заслужено стигнувајќи до трофејот. За жал, и покрај тоа што постојано беше нејзин дел низ квалификациите и подготовките, во Чиле не беше и Бобан Бабунски кој не доби дозвола за заминување од тогашниот тренер на Вардар, Андон Дончевски.
„Се сеќавам дека се подготвувавме на Игман, онака изолирани сами, без никакво внимание од јавноста. На аеродром, освен чича Миљаниќ, никој жив не не испрати. Сите ни прогнозираа брзо враќање дома“ – се потсетува на случувањата од пред 30 години, Предраг Мијатовиќ.
Но младите на Југославија играа фантастично. Победи над Чиле (4-2), Австралија (4-0) и Того (4-1), па амбициите почнаа да растат. Пресвртот беше Бразил во четвртфиналето (2-1), а голот за победа со феноменално изведен слободен удар го постигна Роберт Просинечки.
„Пред дуелот со Бразил во четвртфиналето веќе во хотел беа спремни нашите работи спакувани за враќање во Југославија. Не верувавме дека можеме да ги победиме. Но, ете… Јас и Просинечки постигнавме голови и победивме. Тоа одекна како голема сензација тогаш во светот“ – вели Мијатовиќ, кој жали само за едно нешто:
„Штета што таа генерација не остана заедно да игра подолго затоа што потоа се распадна Југославија. Сигурен сум дека ќе бевме светски шампиони и во сениорска конкуренција“.
Потоа се знаеше дека се може до титулата. Во полуфиналето падна Источна Германија со 2-1, а во финалето и Западна Германија.
За најдобар фудбалер на првенството беше прогласен фудбалерот на Црвена Звезда, Роберт Просинечки.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА