Злато за таеквондистот Георгиевски – лекција и за олимпискиот првак Исаев

Македонскиот таеквондист Дејан Георгиевски оствари фантастичен успех откако освои златен медал на турнирот „Туркиш Опен 2019“, кој важи за еден од најсилните во овој спорт.

Георгиевски во еден ден имаше пет борби, успевајќи во голем стил да забележи исто толку победи. Од нив, нашиот ас со технички нокаут ги победи домашните репрезентативци Чихат Сатилимис и Мухамет Емин, како и Американецот Стивен Ламбдин. Тој на поени, со убедливи 14-7, беше подобар од Американецот Џонатан Хили, но најдобрата борба нашиот таеквондист ја имаше во големото финале, во кое за противник го имаше олимпискиот првак Радик Исаев.

Асот од Азербејџан важеше за голем фаворит, но Георгиевски одговори на предизвикот, се бореше перфектно од почеток до крај и заслужено победи со 16-8.

Златниот медал од овој силен турнир значи и нови бодови на светската лига, за голем чекор напред кон обезбедување на олимписка норма за Токио 2020.

 

Се вчитува...