Манчестер Јунајтед подготвува 75 милиони евра за Џанлуиџи Донарума, информираат италијанските медиуми. Тоа значи дека Давид Де Хеа се согласил да го облече „кралскиот“ дрес, а Јунајтед парите заработени од Шпанецот, ќе ги вложи во наследникот на Буфон.
Голманот на Милан наполни 18 години во февруари, така што не беше во можност да потпише долгогодишен договор со клубот. Договорот на Донарума со Милан истекува 2018 година, а неговиот агент Мино Раиола сака да изнуди што е можно повеќе пари за новиот договор од новите кинески газди и така да го убеди суперталентот да остане на „Сан Сиро“.
Мурињо и Пеп Гвардиола одново ќе водат војна за фудбалери, со оглед дека Сити беше првиот тим кој покажа интерес за Донарума, но Италијанецот тогаш изјави дека нема намера да го напушти Милан. Под закрилата на Раиола, како што е познато се и Ибрахимовиќ и Погба, што значи дека Јунајтед има предност за евентуален ангажман на голманот на „росонерите“.
Новите газди на калчолигашот инсистираат младите фудбалери на Милан да не го напуштат клубот, сметајќи ги за своја светла иднина. На позициите каде што Милан е најранлив, сепак ќе треба да се донесат засилувања и следната сезона да се оствари целта, а тоа е пласман во Лигата на шампиони.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА