Поранешниот фудбалер на Динамо Загреб, но негов тренер и спортски директор, Зоран Мамиќ, ќе се приклучи на суперлигашот од БиХ, Сараево како дел од спортскиот менаџмент на клубот во обидот за консолидирање на екипата која и тоа како лошо ја стартуваше сезоната.
Како што пренесуваат босанските медиуми, тимот во чии редови се и македонските фудбалери Стефан Ристовски и Агон Елези, а спортски директор е поранешниот македонски репрезентативец Крсте Велкоски, не ги оправда очекувањата на инвеститорите, па недостатокот на кохерентна спортска стратегија во последните години ќе се корегира со доведувањето на Зоран Мамиќ.
Еден од инвеститорите на клубот, Исмир Мирвиќ, изминатиов период беше во Малезија во последната фаза од преговорите со престолонаследникот на малезиската покраина Џохор, Тунку Исмаил Идрис Ибни Султан Ибрахим, кој треба да стане нов инвеститор во Сараево покрај Мирвиќ и Винсент Тан.
Паралелно со тоа веќе е разговарано со Мамиќ да помогне околу спортските решенија во Сараево.
„Точно е дека сум во преговори со Сараево, и најверојатно ќе соработуваме. Имаат одличен проект, а луѓето веруваат дека може да направиме многу посериозни резултати од актуелните. Верувам во успе х со Сараево“ – потврди и самиот Мамиќ дека доаѓа во клубот.
„Ова е веројатно „одговорот“ на прилично разочарувачките резултати на Сараево на отворањето на сезоната, и покрај големите инвестиции во играчкиот кадар. Инвестициите досега не се усогласени со никаква сериозна визија во клубот и очигледно е дека инвеститорите сакаат да го променат тоа“ – пишува босанскиот „СпортСпорт“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

