Шокантна во прв момент делуваше одлуката на управата на Баер Леверкузен да му врачи отказ на Ерик тен Хаг по само две одиграни кола во Бундес-лигата, Холанѓанецот веднаш се јави со коментар претставувајќи се како голема жртва, но во меѓувреме се појавија нови информации околу околностите и причините за разделбата на „Бај Арена“.
Влијателниот весник „Билд“ повикувајќи се на извори од клубот објави листа на причини што го направиле останувањето на Тен Хаг во Леверкузен невозможна мисија.
Пред се, на Холанѓанецот му се замерува што е исклучително конфликтна личност и за два месеца ги нарушил односите со сите во клубот, меѓу другите и со оние што тој самиот ги донесе во Леверкузен.
Екс-тренерот на Манчестер јунајтед сакал и да ја диктира трансфер-политиката, притоа инсистирајќи на фудбалери од агенција со која тој директно е поврзан, поради што управата гласно се посомневала во судир на интереси.
Методите за тренинг на Холанѓанецот исто така се во најблага рака сомнителни, инсистирајќи само на спринтови и склекови, речиси воопшто не обрнувајќи внимание на тактика, нешто што е особено чудно кога доаѓа нов тренер што треба да остави свој белег врз играта на екипата.
Атмосферата во тимот е опишана како „ледена“, моралот кај играчите го допрел дното, а тренерот воопшто не се обидувал да ја поправи. На Тен Хаг му се замерува и што пред премиерниот меч во новата сезона, дома со Хофенхајм, воопшто не одржал никаков говор во соблекувалната. Баер го загуби тој меч, тимот делуваше безидејно на теренот, а потоа играчите се жалеа дека е им се дадени конкретни задачи пред натпреварот.
Челниците на Баер биле тотално разочарани од екс-тренерот на Ајакс уште пред почетокот на сезоната, дури и му имале подготвено отказ пред премиерниот меч, но сепак истиот не бил врачен стравувајќи од реакција од јавноста.
Сепак, првите две средби ги потврдиле стравувањата дека Тен Хаг воопшто не е тренер за тимот од Леверкузен и експресно била официјализирана разделбата, а во Баер едногласно тврдат – Ерик тен Хаг е најлошиот тренер во историјата на овој клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

