Зошто чека Партизан – Пењароја е веќе во Белград

Доскорешниот стратег на Барселона, Жоан Пењароја, ќе биде нов тренер на Партизан без оглед на последниот демант на прес-конференцијата на која присуствуваа директорот Паспаљ и претседателот Мијаиловиќ.

Двајцата му искажаа доверба на актуелниот привремен тренер Оцокољиќ во пресрет на двојното евролигашко коло во кое Партизан се среќава со Болоња и со Жалгирис, но токму мечот во Каунас речиси сигурно ќе биде и последен за Оцокољиќ на чело на стручниот штаб.

Впрочем, српските медиуми денеска објавија дека Пењароја е веќе во Белград и лично се сретнал со сите кошаркари на Партизан. За тренинзите се уште е задолжен Оцокољиќ, но се очекува по враќањето од Каунас овој стратег и официјално да му го отстапи местото на шпанскиот кошаркарски стручњак.

За потсетување, Пењароја ја почна сезоната на чело на Барселона, а каталонскиот гигант токму по неговото заминување стартуваше победничка серија под водство на Чави Паскал.

Се вчитува...