Зошто Кристијано Роналдо е промашена инвестиција на Ал Наср…

Кристијано Роналдо дојде како прво звучно име во Саудиска Арабија, потпишувајќи мегадоговор со Ал Наср вреден над 200 милиони евра по сезона.

Португалецот речиси на секој натпревар постигнува гол, но тоа малку вреди за неговиот тим ако се знае дека Ал Наср отпадна од трката за трофеи во сите поголеми натпреварувања. Овој тим синоќа беше елиминиран во полуфиналето од Лигата на Шампионите на Азија, и тоа во меч во кој Кристијано имаше неколку промашени зицери со кои можеше да го одведе Ал Наср во ново финале.

Критиките стануваат се погласни, и тоа не само од оние од ривалите кои провоцираат со извиците „Меси, Меси…“, туку и од фановите на Ал Наср, кои не кријат дека очекуваат многу повеќе од својот тим.

Впрочем, по Кристијано беа донесени уште неколку квалитетни засилувања за 165 милиони евра Отавио (60 милиони), Мане (30 милиони), Лапорт (27,5 милиони), Фофана (25 милиони), Брозовиќ (18 милиони), Алекс Телес (4,5 милиони), во меѓувреме беше променет и тренерот, но изостана резултатот, и тоа оној врвниот ако се знае дека е веќе загубена и трката за титулата во Саудиска Арабија, каде Ал Наср е далеку зад лидерот Ал Хилал.

Како утеха останува Супер-купот на Арабија каде овој тим ќе игра полуфинале на 9 април, и тоа против Ал Хилал, како и кралскиот Куп, две натпреварувања кои сепак со рејтингот се далеку зад титулите во домашното првенство и во азиската Лига на ШАмпиони.

Од аспект на Роналдо, платата од 200 милиони евра годишно и фактот дека овие пари не се даночат во Саудиска Арабија, трансферот од финансиски аспект е одличен за Португалецот на залезот на неговата кариера. Сепак, нема сомнеж дека челниците на Ал Наср се надеваа дека оваа инвестиција ќе им се врати и со трофеи, поради што разочарувањето е огромно.

„Благодарам за поддршката. Ќе најдеме начин да се опоравиме и да се вратиме посилни. Секогаш заедно“, напиша Кристјиано по вчерашниот пораз.

Навивачите и управата на клубот се надеваат на поуспешна 2024/25, за која Роналдо ќе инкасира уште 200 милиони евра.

Се вчитува...