Барселона се соочува со сериозна криза што кулминираше со објавата на Чави дека ќе си замине од клупата на каталонскиот гигант на крајот од оваа натпреварувачка сезона. Чави се соочуваше со опасност од отказ поради слабите резултати во последните месеци, а откако беше претрпен домашен пораз од Вилјареал се чинеше дека тој сигурно ќе добие отказ.
Само еден час подоцна пристигна објавата дека тој самиот ќе се повлече на крајот од сезонава, но дел од навивачите на Барселона се изненадени – зошто претседателот Лапорта реши да го задржи уште неколку месеци во екипата кога постојат сериозни сомнежи дали тој воопшто може да најде излез од кризата.
„Зборував со Чави и тој го предложи тоа, да остане до крајот на сезонава и потоа да си замине. Дозволив само затоа што тоа е Чави, легенда на нашиот клуб кој заслужи да укажеме доверба во тешките времиња. Ова е тежок период за сите нас и затоа мораме да покажеме единствено, ние како управа, заедно со стручниот штаб, со сите фудбалери и со навивачте“, изјави Лапорта.
Оваа „дипломатска“ изјава на првиот човек на Барса е далеку од вистината, откако каталонските медиуми ја открија вистинската причина за одлагањето на тренерската смена. Имено, Чави јасно ставил до знаење дека ако не добие отказ, туку самиот си замине на крајот од сезонава, тој со оставката и фактички ќе се откаже од платата од 12 милиони евра (бруто) што треба да ја земе за сезоната 2024/25, за која има договор со Барса. Секое врачување на отказ ќе значи и исплата до крајот на договорот (или договор меѓу двете страни), па Лапорта затоа решил да не дојде до прекин на соработката од страна на клубот, за да не ја влоши ионака тешката финансиска состојба во која се наоѓа Барса.
Останува да се види само дали Чави ќе успее да ја разбуди екипата, бидејќи продлабочувањето на кризата ќе значи и опасност за учество во ЛШ наредната сезона. Ако Барса наскоро не почне да победува, лесно може да се случи Лапорта да се премисли и каталонците да направат тренерска рокада пред крајот на сезоната.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

