Репрезентацијата на Тунис вчера во опуштена атмосфера го одработи вечерниот тренинг во „Мец Арена“ во пресрет на денешниот прв меч против Македонија, а селекторот, Хафед Зуаби, со насмевка прифати да зборува за македонските медиуми, велејќи дека „не знаме од Гдањск“.
Зуаби, иако нагласува дека има голем респект за македонската репрезенација, посакува денеска во дуелот со Макеоднија во Мец да има реприза на оној меч од олимписките квалификации во Гдањск. Тогаш Зуаби беше нов на клупата на Тунис, а победата над Македонија и пласманот на Олимписките игри во Рио беше голем успех за него и за Тунижаните.
Во изминатите две години со Тунижаните бевме два пати во две различни ситуации на големите натпреварување. На СП 2015 во Катар исто така беше прв меч и Македонија славеше фантастична победа, а комплетно друга ситуација беше лани на олимписките квалификации во Полска.
„Ова е уште една шанса за нас против Македонија. Иста ситуација се случува повторно како во Катар во 2015 и во олимписките квалификации минатата година, многу важен меч и за двете репрезентации, еве сега и на почетокот на ова СП. Иако, ова не е натпревар „за сè или ништо“, прв меч е на првенството и многу ќе зависи од физичката подготвеност на двете репрезентаци, од концентрацијата и од тоа кој ќе направи повеќе грешки. Ќе биде тешко и за двата тима“ – вели селекторот на Тунис, Хафед Зуаби.
Од априлската пресметка во квалификациите за Рио и во двете репрезентации има одредени промени, тоа, според Зауби, многу повеќе му оди во прилог на Тунис.
„Во македонската репрезентација има одредени промени, има нов тренер, неколку нови играчи. Кај нас тренерот е ист, но има неколку нови имиња во составот. Ние останавме без првиот голман кој не може да настапи на ова СП поради повреда, но се врати еден друг многу важен играч за нас, левиот бек Мозбах Санаи. Тешко е да се каже кој ќе победи, а кој ќе загуби во овој меч. И двете репрезентации се добри. Имаме голем респект за репрезентацијата на Македонија, но ние имаме добар и силен тим и се надевам дека шансите се повеќе на наша страна и дека ќе биде како во Полска“ – истакнува Зуаби.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА