Мартин Зубименди уште еднаш ја потврди лојалноста кон Реал Сосиедад откако шпанскиот играч за врска го отфрли интересот на Манчестер Сити искажан во изминатите денови.
Пеп Гвардиола е принуден да се активира на пазарот во јануари откако Родри заработи тешка повреда на коленото, а 25-годишниот Зубименди беше на врвот на листата со желби на трофејниот стручњак. Сепак, одговорот на фудбалерот од Баскија беше идентичен на оној што летово го доби Ливерпул, откако „црвените“ долго време се обидуваа да го убедат да се пресели на „Енфилд“.
„Секогаш ќе постојат гласини за мојата иднина, но јас отсекогаш сум мислел дека најдобро за мене е да останам во Реал Сосиедад. Се уште имам толку многу работи да му дадам на овој клуб, сакам да останам овде, да растам и да се развивам“, изјави Зубименди.
Тој ја мина сета досегашна кариера во дресот на Реал Сосиедад, притоа настапувајќи на 198 средби за овој клуб, постигнувајќи девет гола и седум асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА