Александар Зверев никако не успева да најде начин да се врати во посакуваниот ритам. Младиот Германец тврдеше дека падот на резултатски план се должи на раскинот со девојката и промената на тренерот и најави дека успеал да ја надмине таа криза, но резултатите го говорат спротивното. Зверев загуби со 0-2 во сетови од Матео Беретини на турнирот во Рим, по што не го криеше разочарувањето не само од тој пораз, туку и од сето она што му се случува на терените во последните месеци.
„Разочаран сум, во ниту еден момент не доминирав, не создавав предност на теренот. Имаше силен ветер, но тој беше ист за двајцата тенисери, така што не мее да ми биде изговор. Во моментов играм очајно, тоа е јасно, јас сум најслабиот тенисер во историјата што влегол во Топ 10 на АТП-листата. Она што најмногу ме разочарува е пристапот на теренот. Се шетам наоколу како мртовец, не покажувам желба за победа… тоа мора да се промени“ – разочарано изјави Зверев.
Германецот падна на петтото место на последната АТП-листа, а со оглед на очајната форма се очекува неговиот ранкинг уште повеќе да се влошува во наредниот период.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА