Црвена Звезда е на чекор до нов трофеј во АБА-лигата откако избраниците на Дејан Радоњиќ во супердраматичен натпревар славеа над Будуќност со 85-79, поведувајќи со 2-0 во оваа финална серија.
Дуелот беше неверојатно интересен, откако „црвено-белите“ отворија со водство од 10-1 и потоа имаа двоцифрена предност во текот на целото прво полувреме. Најубедливото водство на домаќините изнесуваше „плус деветнаесет“, на одмор се замина со резултат 55-41, а кога се очекуваше резултатот да биде исконтролиран од страна на српскиот првак, гостите од Црна Гора направија неверојатен пресврт добивајќи ја третата четвртина со 8-29.
Сепак, и тоа се покажа недоволно за Будуќност да триумфира во Белград, откако црногорскиот првак постигна само девет поени во последните десет минути, a Црвена Звезда предводена од феноменалниот Добриќ направи нов пресврт и стигна до огромна победа.
Огњен Добриќ беше најефикасен во таборот на „црвено-белите“ со 27 поени, 15 постигна Ноко, додека кај Будуќност прв стрелец беше Николиќ со 26 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА