Звезда и Антиќ без одговор за Химки и незапирливиот Швед

Црвена звезда го претрпе 11. пораз во Евролигата откако пред своја публика загуби од Химки со резултат од 79-70. Кошаркарите на Алимпијевиќ има контрола врз резултатот речиси на целата средба, но рускиот состав успеа да се врати во второто полувреме и со пресврт да стигне до нова победа, 10-та за нив во досегашниот дел од сезоната.

„Црвено – белите“ изградија рано водство кое пред крајот на втората четвртина стана двоцифрено (+11) со тројката на Дангубиќ (4/4 за три во прво полувреме), но на паузата Звезда мораше да се задоволи со само шест поени предност. Химки предводени од нивниот најдобар кошаркар Алексеј Швед, успеа да израмни кон средината на третиот период, а на само пет минути до крајот на средбата, со реализирана тројка на Швед тимот од Москва поведе и со плус пет. До самиот финиш Звезда не успеа да се „разбуди“ од шокот и донесе ново разочарување на своите навивачи.

Перо Антиќ до првите поени стигна дури во самата завршница на средбата, претходно три пати беше непрецизен од линијата за три поени. Рочести (25), Дангубиќ (18) и Фелдин (13) беа најразиграните играчи на Црвена Звезда, всушност и единствените кошаркари кои погодија од игра за белградскиот состав покрај искусниот Македонец. Швед го надмина својот просек од 21.9 поени по натпревар, постигна 29, но Русинот додаде и пет скока и четири асистенции, а двоцифрени за Химки беа уште Андерсон со 14, и Томас со 11 поени.

 

 

 

 

Се вчитува...