Црвена звезда за само два дена го дожиеа вториот пораз по ред во Евролигата откако Панатинаикос славеше на гостувањето во Белград со резултат од 69-63 . Избраниците на Душан Алимпијевиќ беа рамноправен противник на грчкиот состав во првиот дел од средбата, но Панатинаикос одлично ги користеше грешките на „црвено-белите“, па така ја продолжуваат мини – серијата од три победи во низа во европското натрепварување.
Звезда уште од стартот на средбата мораше да ја брка минималната предност на гостите, првата делница на мечот припадна на Панатинаикос со 20-15. Јадранскиот шампион со додатен напор презеде иницијатива кон средината на втората четвртина, но не за долго, бидејќи во последните напади од првото полувреме кошаркарите на Чави Паскал успеаја одново да го свртат резулатот во своја корист (41-38) со тројката на Маркус Денмон на две секунди до крајот на периодот.
Панатинаикос подобро го отвори продолжението на пресметаката во „Пионир“, па кон средината на третиот период стигнаа и до првата двоцифрена предност (+13), додека „црвено-белите“ имаа проблеми со ефикасноста во нападот, реализираа само 11 поени за 10 минути. Иако Звезда вршеше притисок за нов пресврт со помош на домашната публика, негативата ја намалија до -3 во последните две минути, екипата од Белград не успеа да направи сезнација во последните напади
Долгогодишниот македонски репрезентативец Перо Антиќ беше далеку од својот потенцијал. Не го служеше шутот за три, забележа само два поени, додаде и четири скока, но продаде и три топки. Најрасположен за Звезда беше Џејмс Фелдин со 21 поен. Маркус Денмон и Џејмс Гист го предводеа тимот на ПАО со по 16 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА