Ѕвездениот пат на великанот Лазаров: Од Овче Поле, преку Загреб, Веспрем, Барселона….

Мораше да дојде и тој ден – кога Кире Лазаров и официјално ќе стави крај на својата играчка кариера, кариера во која македонскиот „бомбардер“ освои се што можеше да се освои.

Неговото име ќе остане запишано како најголем во историјата на македонскиот ракомет, но и како рекордер во ракометна Европа со достигнувања што останатите уште долго ќе се мачат да ги остварат.

Ракометниот пат на легендарниот Кире Лазаров почна во родното Свети Николе, каде ги прави првите чекори во дресот на локалниот тим Овче Поле. Потоа следи преселба во Борец Велес, по што Лазаров заминува во Пелистер, клуб каде ги игра првите натпревари на едно повисоко ракометно ниво.

Веќе стана очигледно дека Македонија има нов ракометен „бисер“, за Кире се интересираа неколку европски клубови, а од понудите на маса тој ја избра онаа на Загреб. Од хрватскиот првак се пресели во унгарскиот гигант Веспрем, па се врати назад во Загреб, по што имаше и кратка авантура во Ал Сад.

Шпанија беше следна дестинација по заминувањето од Загреб, тој потпиша договор со Сиудад Реал, клуб што подоцна се „преименуваше“ во Атлетико Мадрид. Сонот на секој голем ракометар е еден ден да заигра за Барселона, а тоа му се оствари на Лазаров, кој со каталонскиот гигант стигна и до трофејот што толку многу го посакуваше – во ЕХФ Лигата на Шампионите.

По одлуката за заминување од Барса, Македонецот го избра Нант за нова дестинација во кариерата, го предводеше овој тим и до ново финале во ЛШ и со успех го носи дресот на францускиот клуб до денеска.

Лазаров утре ќе го одигра последниот меч во дресот на Нант и во својата неверојатна кариера, оставајќи белег за наредните генерации не само во македонскиот, туку и во целокупниот европски ракомет.

Се вчитува...