Ѕвезди на пазарот: Топ-квалитет, а цената – НУЛА евра

Сите со нетрпение очекуваме да продолжат елитните фудбалски лиги ширум Европа, а во меѓувреме клубовите ги планираат и следните потези на пазарот. Како никогаш досега во еден преоден рок достапни се врвни фудбалери од највисока класа, без никаква отштета, откако голем број „ѕвезди“ решија да чекаат да дојде до истек на нивните договори, за да можат потоа како слободни играчи да преговараат за повисоки плати.

Челси летово ќе остане без Вилијан и Педро, кои веќе објавија дека воопшто не преговараат за продолжување на соработката. Во ова друштво би можел да се вклучи и Жиру, иако лондонскиот клуб има можност да ја активира клаузулата за продолжување на договорот за уште една сезона. Давид Силва по долги години врвен професионализам во Манчестер Сити реши да ги напушти „граѓаните“. Како опција се споменува камбек во Валенсија, но и преселба во Интер Мајами, новоформираниот клуб во САД под раководство на Дејвид Бекам. Ливерпул летово дефинитивно останува без Адам Лалана, а сериозен удар ќе претрпи Тотенхем, по најавеното заминување на Јан Фертонген.

Во шпанската Ла Лига, Вилјареал се обидува да го задржи Санти Казорла, кој најави заминување. Проблематичниот Хатем Бен Арфа се уште не се изјаснил дали ќе потпише нов договор со Валјадолид, додека Севилја ќе остане без Нолито. Валенсија ќе бара нов командант на одбраната по заминувањето на Езекиел Гарај, а сериозен проблем ќе имаат и челниците на Атлетик Билбао, доколку одличниот дефанзивец Микел Сан Хозе реши да си замине од „Сан Мамеш“ откако веќе одби неколку понуди за нов договор.

Квалитеот е уште повисок на слободните играчи во Калч0-лигата, листа предводена од Златан Ибрахимовиќ. Покрај шведскиот голгетер, на излезна врата од „Сан Сиро“ се и Билја и Бонавентура. Јувентус ќе успее да ги „врзе“ ветераните Буфон и Кјелини, Интер е пред нов договор со Ешли Јанг, но проблеми ќе има Наполи, кој по се изгледа ќе остане без двајца стандардни првотимци, Дрис Мертенс и Хозе Калјехон.

Марио Геце ја предводи листата на бундеслигашки асови кои стануваат слободни играчи во текот на летово. Арангуиз од Баер Леверкузен се наоѓа на листата со желби на неколку клубови, исто како и Нури Шахин. Борусија Дортмунд се обидува да го задржи Пишчек нудејќи му нов договор, но таква опција нема за Саломон Калу, кој летово сигурно ќе си замине од Херта.

Летово ќе се случи егзодус од слободни играчи од ПСЖ, откако Кавани, Силва, Муние, Курзава и Чупо Мотинг веќе објавија дека ќе си заминат од „Паркот на принцовите“. Нико Гаутан летово ќе го напушти Лил, Саного ги брои последните денови во Тулуз, а Кабај ќе си замине од редовите на Сент Етјен.

Се вчитува...