Ѕвездите на Брајтон заминуваат, клубот ќе заработи над 350 милиони евра за три сезони

Брајтон по неверојатната сезона во која избори место во Лига Европа останува без два главни фудбалери. Станува збор за Алексис Мек Алистер и Моисес Каиседо кои заминуваат од клубот по потрага по врвен фудбал, потврди и тренерот Роберт де Зерби.

Мек Алистер и Каиседо се топ мета на англиските гиганти. Аргентинецот е главна мета на Ливерпул, а за потписот на Еквадароецот се борат три клубови меѓу кои и Арсенал од кој постоеше интерес и во зимскиот преоден рок.

„Жалам бидејќи тоа се два одлични фудбалери, но политиката на Брајтон е таа. Можат да заминат за да играат на врвно ниво“, изјави де Зерби.

Мек Алистер популарниот Транфермаркт го проченува на 42 милиони евра, додека Каиседо на 55 милиони евра, но заработката која ќе ја добие Брајтон од трансферите само на овие двјаца се очекува да биде над 120 милиони евра.

Како потсетување, Брајтон од трансфери во сезоната 2022/23 заработи 158 милиони евра со заминување на Кукуреља, Бисума, Тросар, Маупај, Остигард и Кларк, а во сезоната 2021/22 трансферите на Вајт, Бурн и Тау донесоа приход од 90 милиони евра.

Се вчитува...