Барселона ја доби трката по Андре Гомеш минатото лето, кога за Португалецот од Валенсија се интересираа бројни клубови ширум Европа, но фудбалерот за врска воопшто не ги оправда очекувањата на каталонскиот гигант. Иако доби премногу шанси за докажување, Гомеш е меѓу најслабите на теренот на секој натпревар на Барселона, па токму затоа веќе и голем дел од соиграчите престанаа да му даваат поддршка на португалскиот интернационалец, особено бидејќи тој игра на иста позиција како и Иван Ракитиќ, кој се покажува во далеку подобро светло од него.
Последните информации од Шпанија велат дека Гомеш сигурно ќе си замине од „Камп ноу“ откако гласот против него го кренале трите најголеми ѕвезди на каталонскиот гигант. Лео Меси прв искажал незадоволство од настапите на Португалецот, а по последниот меч со Гранада истото го сториле и Луис Суарез и Нејмар, по што станува јасно дека деновите на Гомеш како член на Барса се избројани. Тројцата голгетери се едногласни на ставот дека во ситуација кога се имаат Рафиња, Суарез и Ракитиќ како трет играч за врска (крај Бускетс и Иниеста), упорното давање шанса на португалскиот репрезентативец може да биде погубно при атакот на трофеи во финишот од сезонава.
Проблем повеќе за Португалецот е фактот дека Луис Енрике, тренерот што го донесе и по секоја цена го турка во првиот тим, на крајот од сезонава ќе си замине од клубот, по што станува јасно дека Гомеш веќе нема сојузници во Барселона и единствената дилема е каде ќе ја продолжи кариерата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА