Велемајсторот Звонко Станојоски, од ШК Алкалоид, е нов шампион на Македонија во шах за 2023 година.
Во машка конкуренција на 95 шахисти, низ максимално израмнет турнир во кој до последното коло дури деветмина шахисти имаа шанси за прво место и освојување на победничкиот пехар, на крај сосема заслужено Станојоски ја понесе титулата најдобар.
На втоото место зад Станојоски се пласираше Фиде-мајсторот Андреј Вељаноски ШК Гамбит АССЕКО СЕЕ, а на третото место Интер-мајсторот Никола Николовски исто така од ШК Гамбит АССЕКО СЕЕ.
Радува податокот што во првите десет имаше дури седумина од младите таленти кои доаѓаат и треба да го понесат товарот на македонскиот шах и македонската репрезентација во блиска иднина.

Во женска конкуренција првото место го освои ВФМ Моника Стојковска од ШК Алкалоид со што стана шампион на Македонија во женска конкуренција за 2023 година. Втора беше Ивана Манова од ШК Гамбит АССЕКО СЕЕ, а на третото место нејзината клупска колешка Моника Жежовска.

Пехарите на победниците им ги додели претседателот на ШФМ, Саша Богдановиќ. На свеченото затварање претседателот на ШФМ му додели и плакета, за особени заслуги и развој на шахот во Македонија, на еден од доајените на македонскиот шах Благоја Сотировски – Џагуре.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

