Звучни македонски фудбалери и натаму без клубови, меѓу нив и репрезентативци

Македонскиот репрезентативец Дарко Велковски е најзвучното име меѓу оние фудбалери кои и натаму немаат клубови, на само неколку дена пред крајот на преодниот рок во голем број на земји. Велковски последно играше во Динамо Букурешт, а сега е без клуб. Неговото име се поврзува со трансфер во Леванте, се чека одлука од шпанскиот тим, а за него има интерес и од турски и грчки клубови.

Второ име кое е без клуб е Бобан Николов. 30-годишниот играч од средниот ред треба во следните денови да го комплетира трансферот во Вардар. Николов исто така имаше понуда од руски тим, меѓутоа засега останува без клуб.

Напаѓачот Илија Несторовски исто така е без клуб, откако Асколи испадна во третата лига, и стана слободен агент. Еден хрватски тим се интересира за екс напаѓачот на Удинезе и на Палермо. Тој веќе играше во Хрватска, во екипата на Интер Запрешиќ, од каде замина во Италија.

Слободни агенти се и уште неколку играчи, екс репрезентативци како што се Бојан Најденов, голманот Ристо Јанков, како и Виктор Ангелов. Тука се исто така и неколку играчи со огромно прволигашко искуство во ПМФЛ како Кристијан Ацковски, Марјан Алтипармаковски, Бујар Хајдари, Бесар Исени, Пепи Ѓоргиев, Коста Манев, Ѓорѓи Стоилов, Агрон Руфати, Медин Бајрами, Едис Малиќи… Без клуб е и поранешниот македонски репрезентативец Самир Фазли, кој ја напушти екипата на Македонија ЃП.

Немаат клуб ниту „македонските Австралијци“ Стефан Чолаковски и Метју Божиновски, кои имаат настапи во помладата селекција на нашата земја.

Се вчитува...