Лазаров го одбил Раул за трансфер во ПСЖ

Раул Гонзалес бил сериозно заинтересиран за да го доведе Кире Лазаров во дрим-тимот на ПСЖ, но овој трансфер не се реализирал откако македонскиот ас реши да му остане верен на Нант. Капитенот на нашиот национален тим неодамна потпиша нов договор со Нант, со важност до 2021 година, а во интервју за францускиот весник „Л’Екип“ обелодени дека и „светците“ предводени од македонскиот селектор покажале интерес да го доведат во своите редови.

„Искрено, бев изненаден што добив толку многу понуди иако имам 38 години. Нема зошто да лажам за имињата, ПСЖ беше заинтересиран, разговаравме со овој клуб, но сепак на крајот решив дека најдобро ќе биде да останам во Нант“ – истакна Лазаров, за кого понуда испратил и унгарскиот гигант Веспрем.

Раул Гонзалес со ПСЖ пред неколку дена славеше над Лазаров и Нант во рамките од францускиот лига-куп, а селекторот и капитенот ги очекува нов меѓусебен дуел на 20 декември во француското првенство, за пред крајот на годинава да почнат со подготовки со репрезентацијата за СП 2019.

 

Се вчитува...