Рајн Некар Левен загуби на гостувањето кај Кил (31-28) во дербито од 19.коло во Бундеслигата. Со овој меч завршија и клупските обврски за Филип Талески, кој веќе викендов треба да и се приклучи на македонската репрезентација во подготовките пред настапот на СП во Германија и Данска.
Што се однесува до германското дерби, Рајн Некар Левен во првото полувреме во поголем дел имаше контрола на играта и на резултатот и водство од 9-12. Но, Кил потоа успеа да постигне пет гола во серија и ја презеде иницијативата (14-12). На полувремето домаќините имаа гол преднсот (16-15).
На стартот од вториот дел капитенот Анди Шмид ги презеде работите во свои раце и Рајн Некар Левен изедначи и одново фати резултатски приклучок, но Кил повторно успеа да се одлепи, прв пат на +4 (28-24).
Серијата на „лавовите од 3-0 и намалената разлика на 28-27, донесе нова возбуда и неизвесност во финишот. Сепак, Кил предводен од Ландин Јакобсен на голот ја задржа предноста и стигна до важна победа во бундеслигашкото дерби со која ја задржа втората позиција на табелата со 34 бода, а Рајн Некар Левен ќе презими на третата позиција со 31 бод.
Харал Рајнкинд со седум гола беше најефикасен во составот на Кил, а Ландин заврши со 16 одбрани. Кај Рајн Некар Левен прв стрелец беше исландскиот ветеран Гудјон Валур Сигурдсон со девет гола. Талески не доби шанса во дербито.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА