Македонскиот прволигаш Работнички утре (15 часот) ќе го има третиот тест на зимските подготовки во Анталија. Противник ќе биде српскиот првак Црвена Звезда кој оваа сезона играше и во групите од Лигата на шампионите. Од овој натпревар ќе има телевизиски пренос на „Арена Спорт 1“.
По победата над Сабуртало (2-1) и поразот од Поханг Стилерс (0-2), тренерот Жикица Тасевски очекува вистински европски тест на утрешниот дуел со „црвено-белите“.
„Чест е да се одигра пријателски меѓународен натпревар против Црвена Звезда. Тоа е единствениот европски првак од балканските простори, тим кој оваа сезона беше дел од Лигата на шампионите. Ќе биде тоа вистински европски тест за нашите можности. Се уште сме во подготвителна фаза, но ваквите мечеви се добредојдени за воигрување на нашиот тим кој претрпе значителни промени“, изјави шефот на стручниот штаб, Жикица Тасевски, за официјалниот сајт на клубот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА