Шекил: Кога внукот ми кажа за смртта на Коби, мислев дека е лажна вест…

Наместо големото градско дерби на Лос Анџелес меѓу Лејкерс и Клиперс, во „Стејплс Центар“ синоќа беше организирано сеќавање за трагично загинатиот Коби Брајант. Еден од гостите во емисијата на „ТНТ“ беше и Шекил О‘Нил, заедно со Чарлс Баркли и Рик Фокс.

„Бев во подрумот и вежбав со синот Шакир и со внукот Колумбус. Во еден момент се појави и вториот внук и ми го покажа мобилниот на кој стоеше веста за смртта на Коби. Му реков да го тргне тоа од мене, мислев дека е лажна вест. Живееме во свет каде речиси се е фотошоп и лага, но, за жал не беше така. Потоа почнаа да ми се јавуваат на телефон и сфатив дека тоа е болната вистина“, изјави О‘Нил, за начинот на кој дознал за смртта на Коби Брајант.

Тој загуби неколку сакани личности во кус период, меѓу нив и Коби Брајант.

„Имам 47 години, ги загубив двете баби, сестрата, а сега останав и без помладиот брат Коби. Ќе останеме поврзани по тоа што го направивме. Често ме прашуваа за нашиот однос, а јас им објаснував дека тоа е исто како и со Чарлс Баркли. Два различни карактери кои си имаат свој пат, си имаат речено некои работи, но никогаш не го загубиле почитувањето еден кон друг“, додаде Шекил О‘Нил.

Се вчитува...