Одржана и несекојдневна атлетска трка „ХалкЕко Хронометар 10КМ“

За спорт секогаш треба да се има време и простор, особено кога треба да се зајакне општиот имунитет во време на пандемија. Денеска за прв пат, Скопје беше домаќин на новата и иновативна трка ХалкЕко Хронометар 10КМ. Трката се одржа на Кеј на реката Вардар. Тркачите стартуваа од стартната позиција под мостот „Гоце Делчев“ на кеј на Вардар до крајната позиција, вливот на реката Лепенец во Вардар, каде што завртеа полукружно назад до целта под мостот „Гоце Делчев“.

„Денеска покажавме и ние како организатори и тркачите како учесници, дека и во вакви услови на пандемија, кога се преземени сите мерки и протоколи во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести, можеме да функционираме. Голема благодарност до сите учесници, сите партнери кои беа со нас“, изјави Кире Синадиновски, директор на трката.

Трката ХалкЕко Хронометар 10КМ беше спроведена со специјален протокол, претходно одобрен од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство и од Главниот Координативен Кризен Штаб. Пред зоната на стартот на трката беа поставени 4 бокса, во кои што секој натпреварувач влегуваше за да му се направи термален скрининг, дезинфекција на раце, а во третиот бокс веќе натпреварувачите ја фрлаа заштитната маска од лицето во специјална корпа за отпадоци. Во четвртиот бокс, секој од натпреварувачите добиваше знак од официјалните лица кога може да стартува со трката. Помеѓу секој од натпреварувачите имаше временски интервал од 30 секунди од безбедносни причини.

По завршувањето на трката, односно влегувањето во цел, секој натпреварувач сам си земаше вода, сам го земаше заслужениот медал, а потоа со дезинфицирање на рацете ја напушташе зоната на целта. Оваа година не се одржа церемонија на прогласување на победниците поради посебниот протокол за специјални мерки од КОВИД-19. Дарио Ивановски беше најбрз кај мажите со време од 30:57 минути, второто место му припадна на Атанас Анчевски (33:29), додека третопласиран беше Александар Кираџиев (33:49). Кај жените првото место го освои Адријана Поп Арсова со време од 37:15, второто место и припадна на Биљана Кираџиева (38:26), додека третопласирана е Миљана Ристич (39:43).

По завршувањето на ХалкЕцо Хронометар 10КМ трката, останува ХалкЕцо апликацијата која што овозможува формирање на здрави навики. Со симнување на апликацијата на твојот паметен телефон преку „Плејстор“ или „АппСтор“ во текот на работните денови и за време на градскиот метеж (07:30 – 09:30 и 15:30 – 17:30), секој твој километар вреди 2 ХалкЦоинс, за време на
викендите 0,5 ХалкЦоинс, а останатото време носи 1 ХалкЦоин.

Се вчитува...