Ракометниот шампион на Македонија, Вардар по воведниот пораз од Татран Прешов во новата сезона во СЕХА лигата во среда ја очекува вториот дуел, на домашен терен против српскиот Партизан.
Тренерот на „црвено-црните“, Владо Недановски пред мечот со српскиот тим вели дека знае за каков противник се работи и дека одат на победа на овој меч.
„Екипата на Партизан е млада и перспективна која игра брз и модерен ракомет. Имав време да ја погледнам, да ја анализираме. Вчера се вративме од тешкото патување до Прешов. Денеска ќе работиме на одбраната и нападот за да излеземе колку е можно поподготвени на мечот“, вели Недановски.
Капитенот Стојанче Стоилов се надева на голема поддршка од навивачката група „Комити“…
„Се надевам дека гледачите и навивачката група „Комити“ ќе дојдат во што поголем број. Нивната бројност многу ни помага на некои натпревари. Партизан е млада екипа, а ние играме дома. Фаворити сме, но треба да го покажеме тоа на теренот. Со Татран имавме конфузен меч, но треба време да се вклопат коцките бидејќи имаме дури четири нови играчи. Треба да покажеме карактер и да го добиеме мечот против Партизан“, изјави Стоилов.
Натпреварот меѓу Вардар и Партизан кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје е закажан за 01. февруари (среда) со почеток во 18 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА