Црна Гора експресно избра нов селектор по заминувањето на Зоран Рогановиќ од кормилото на националниот тим веднаш по завршувањето на СП во Полска. Изненадувачки, за нов предводник на црногорската репрезентација беше избран Хрватот Владимир Шола, долгогодишниот голман на „коцкестите“ кој како играч има пет медали со оваа репрезнтација на големите натпреварувања.
Шола по завршувањето на играчката кариера во 2008 година почна да работи како тренер, имаше клубови во Хрватска, Русија, Катар и во Кина, а потпишаниот договор за селектор на Црна Гора му е прв самостоен ангажман во репрезентативниот ракомет (претходно беше тренер на голманите на Хрватска на ОИ во Лондон во 2012 година).
Претседателот Петар Каписода во изминатите десетина дена преговараше со неколку кандидати, за на крајот да го избере токму Шола за наследник на Рогановиќ.
„Голема благодарност до претседателот Каписода и до членовите на Управниот Одбор, за мене е чест што ќе бидам селектор на Црна Гора, земја што низ годините дала голем број врвни ракометари и која моментно игра убав ракомет. Немам многу време, ќе продолжам онаму каде што застана Рогановиќ, стратег кого исклучително го ценам поради она што го работеше во последните години со оваа репрезентација“, изјави Шола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

