Ракометниот вицешампион на Македонија, Еурофарм Пелистер победнички го почна настапот во плеј-офот од македонската Суперлига, со убедлива победа во воведното коло на гостувањето во Скопје кај Бутел со 23-27.
Домаќините одлично го отворија натпреварот против големиот фаворит и целото прво полувреме го одиграа во егал игра, а на пауза заминаа со негатива од само еден гол 8-9. Сепак, разликата во квалитет дојде до израз во вториот дел во кој „битолчани“ ја кренаа својата игра и брзо стигнаа до убедлива предност од 12-19. До крајот Бутел успеа само да стигне до поприфатлив пораз 23-27. Мирко Радовиќ со седум гола беше најпрецизен кај победникот, додека кај поразените шест постигна Владимир Јефтиќ.
Вториот битолски тим во плеј-офот, Еурофарм Пелистер 2 во крајно интересен натпревар во „Боро Чурлевски“ арената загуби од Охрид со 23-26. Гостите уште во првото полувреме успеаја да се одлепат од противникот и на пауза да заминат со предност од три гола 11-14. Оваа разлика гостите ја држеа до седум минути до крајот кога домаќинот по подолго време успеа да стигне до само минус еден 23-24 и да го внесе натпреварот во неизвесна завршница. По пет минути без погодок на двете страни Охрид погоди за 23-25, а потоа стигнаа и до 23-26 што беше доволно за голем триумф во борбата за место во Европа.
Стефан Дрогришки и Гал Цицар со по седум гола беа први имиња во победничкиот табор, додека кај поразените Никола Стоилевски постигна осум.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА