Ракометарите на Алкалоид денеска од 19 часот ги започнуваат настапите во Европскиот куп, натпреварување во кое триумфираа пред две години.
Прв противник за Алкалоид е австрискиот тим Ферлах, а натпреварот ќе се игра во салата во Автокоманда.
Тренерот Кирил Лазаров ги избра 14-те ракометари со кои ќе брка триумф кој ќе му донесе мирен реванш следниот викенд, надвор од стројот се тројца ракометари, Вуко Борозан, Ненад Костоски и Валентин Карасманакис
Од тимот на Автокоманда се радуваат на новиот европски предизвик, екипата знае како се освојува трофејот во ова натпреварување и засилени со искусни интернационалци како Урош Борзаш, Нејц Цехте, Матиц Сухолежник, повторно се во најтесниот круг на фаворити.
Европската ракометна федерација го смета Алкалоид за четврти фаворит за трофејот, а прв е освојувачот од минатата сезона, екипата на Охрид.
„Освојувањето на европската титула со домашен ростер, за млад клуб како Алкалоид, беше одлична работа. Се радуваме на новиот предизвик и ќе имаме максимален пристап на секој натпревар, тоа ќе го барам и од играчите. Секогаш е задоволство да се игра во Европа, а меѓународните официјални натпревари на клупско ниво носат дополнителен квалитет на тимот и посебна мотивација. Противникот доаѓа од држава чија национална селекција е во подем. Имаат искусни играчи со квалитетно минато. Добро се воиграни и имаат добар ракометен систем. Треба да имаме максимален респект кон Ферлах. Бидејќи се работи за елиминациски натпревар, мораме да бидеме максимално фокусирани и дисциплинирани во сите 60 минути. Очекувам тврд натпревар со многу трчање и убави потези. Нам ни се потребни меѓународни натпревари за подигнување на натпреварувачката форма. Минатата сезона ни недостасуваа токму ваков тип натпревари, вели тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров.
Вториот македонски претставник во Европскиот куп, Бутел денеска од 18 часот и гостува на Горица.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
