Најголемата македонска фудбалска легенда, Дарко Панчев, за читателите на ЕКИПА.МК, ги коментира комплетните настани на најголемиот светски спортски собир – фудбалскиот Мундијал 2026!
Ако се осврниме на двете балкански репрезентации кои настапуваат на актуелниот Мундијал 2026, објективно кажано, апсолутно ништо не е изгубено кога е во прашање БиХ, и покрај убедливиот пораз од Швајцарија, со оглед на тоа што осумте најдобри третопласирани репрезентации во групите одат во осминафиналето на Светското првенство. И Хрватска и Босна и Херцеговина имаат објективни шанси да продолжат понатаму.
ОЧЕКУВАМ БИХ ДА СЕ ПЛАСИРА ВО ОСМИНАФИНАЛЕ
Босна и Херцеговина одигра израмнет натпревар, пак, со Канада која е добра, квалитетна селекција. Освојувањето бод против Канада на Светското првенство не може да се етикетира како лош момент. Напротив… За БиХ клучен е дуелот против Катар бидејќи има подобар тим. Со четири бода, тие најнормално ќе одат понатаму, и успехот ќе биде постигнат. Верувам дека согласно квалитетот Босна и Херцеговина мора да стигне до осминафиналето на Светското првенство. Сепак, мислам дека Катар не е на нивото на Босна и Херцеговина. Ќе биде изненадување за мене ако БиХ не го стори тоа.
Што се однесува до Хрватска, глупаво е да се каже дека Хрватска требаше да биде фаворит против Англија. Тоа е невозможно. Англија е сè уште силна селекција и сила. Сепак, гледајќи го натпреварот, Хрватска одигра извонредно прво полувреме. Во дадени моменти, таа беше подоминантна во играта, држејќи ја топката и градејќи ја играта. Зошто падот дојде во второто полувреме? Можеби раниот гол на Белингам придонесе за тоа, но падот беше очигледен, Златко Далиќ треба да го објасни тоа. Едноставно, мислам дека Хрватска има голема шанса да биде втора или трета.
АНГЛИЧАНИТЕ СЕ МЕЃУ НАЈГОЛЕМИТЕ ФАВОРИТИ ЗА ТИТУЛА
Англичаните се едни од најголемите фаворити за освојување на Светското првенство. Токму затоа поразот на Хрватска не треба да се гледа како трагедија. Хрватска како репрезентација е доминантна во регионот. Покажува голем континуитет, не само во пласманот на европските и светските натпреварувања, туку и во постигнувањето добри резултати. Би сакал да го повторат тој успех. Сега кога ќе постигнат некои добри резултати, тоа веќе не е изненадување. Можеби никој не го очекуваше тоа во 1998 година, кога го освоија третото место, или на претходните две првенства кога стигнаа до финалето, односно го освоија третото место. Но, тие покажаа дека навистина можат да постигнат добри резултати. Имаат добар избор и можат да се справат со секого.
Што се однесува кои играчи импресионираат а кои разочаруваат на првенството, премногу е рано да се анализира такво нешто. Не може со еден или ете два одиграни натпревари да се анализира ефектот на еден играч.
Гледам дека, кај БиХ, на пример, Ермедин Демировиќ е еден од репрезентативците кој е мета на најголемите критики, најмногу поради неговата голгетерска позиција. Но, Демировиќ не е најголемиот виновник за недостатокот на голови на негово конто во последните натпревари. Многу пати објаснив дека позицијата напаѓач е многу интересна и неблагодарна во смисла дека секогаш добар стрелец, без разлика дали се викал Кејн, Левандовски, Суарез или Халанд, сите тие секогаш зависат од играта на тимот. Ако тимот не игра добро, не создава шанси, многу е тешко за напаѓачот да ги покаже сите свои реализаторски квалитети, брзина и сила. Играта на напаѓачот секогаш зависи од играта на тимот.

Не може, во овој осврт, да не ги спомнам феноменалните навивачи и поддржувачи на БиХ на Светското првенство кои се вистински хит на Мундијалот. Барем засега, Босна и Херцеговина е убедливо најдобра на трибините. Задоволство ми е да ги слушам и гледам навивачите на БиХ како „грмат“ на трибините. Такво навивање, од срце, такви емоции, кога целиот стадион пее, сплотен како едно… Секоја чест за нив, задоволство е да ги гледаш и слушаш. Навистина да почувствуваш морници, да те наежат со сета своја љубов кон спортот и државата! Само нека продолжат така да ја бодрат својата репрезентација!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
