Феникс и Гостивар супериорни на стартот од Првата лига

Второто коло од Првата македонска лига донесе нови убедливи изданија, високи победи и први јасни сигнали за екипите кои имаат амбиции да се наметнат во трката за највисок пласман. Во преден план се довчерашните суперлигаши, Гостивар и Феникс 2010, кои продолжуваат со максимален ефект.

Гостиварци убедливо го совладаа Овче Поле со 105:66, а Феникс 2010 на гостувањето во Струга славеше против Црн Дрим со неверојатни 128:73. Скопјани беа предводени од Стојановски со 34 поени, Грбовиќ додаде 22, а Американецот Лоусон реализираше 18. Кај Црн Дрим, Петрески постигна 15, а Радически уште 11 поени.

Гостиварци уште на полувремето ја најавија убедливата победа против Овче Поле, заминувајќи на пауза со предност од 58:33. Пецаноски и Ибраими постигнаа по 24 поени, Тодоровски додаде 13, Столески 12, а Чадамов уште 10. Во гостинскиот состав, Богатиновски беше најефикасен со 18 поени.

Одличен настап имаше и Водно Санс, кој на гостински терен го совлада составот на Ангели со 106:92. Капитенот Трајанов постигна 21 поен, Миленковиќ реализираше 18, додека Сребров и Бајалџиев придонесоа со по 16 поени.

Кај Ангели, Стојановски беше најефикасен со 23 поени, Павловски постигна 19, Костовски 17, а Ештрефи заврши со 15 поени.

Максимален ефект има и Борец баскет, кој на домашен терен го надигра Младинец со 95:56. Сопроновски беше најрасположен со 24 поени, Захариев постигна 15, Коцевски 14, а Андов додаде 13. Кај гостите, капитенот Милевски се издвои со 23 поени.

До првата победа во сезоната стигна и Мега баскет, кој пред своите навивачи во Прилеп ја совлада ИБА Скопје со 87:74. Ијекекполор реализираше 24 поени, Митков постигна 20, а Димитровски додаде 13.

На спротивната страна, Трајковиќ беше најдобар со 21 поен, Нацевски запиша 15, а Здравковиќ уште 11.

Во групата „Б“, Вардар ја забележа втората победа, славејќи во градската пресметка против Бутел со 90:75.

„Вардарци“ го добија првиот период со 28:16, гостите возвратија во втората четвртина, но домашниот состав го реши прашањето на победникот во третиот период, кој го доби со 24:12. Стојановски постигна 17 поени, Терзиевски 13, Ѓорѓиевски 12, а Алексовски 10. Кај Бутел, Андоновски реализираше 16 поени, Миновски, кој се врати на теренот по подолга пауза поради тешка повреда, постигна 15, додека капитенот Мартиноски додаде 11.

Убедливо издание имаше и Охрид, кој во салата „Билјанини извори“ го совлада новиот прволигаш Гевгелија со 87:60. Бојовски беше најефикасен со 18 поени, Шабани постигна 16, Димитриевски 13, а Кузмановски додаде 10.

Во гостинскиот состав, Старделов се издвои со 21 поен.

По две одиграни кола, Гостивар, Феникс 2010, Борец баскет, Водно Санс, Вардар и Охрид го задржуваат максималниот ефект, најавувајќи сериозни амбиции во двете групи. Сезоната е на почетокот, но високите резултати и убедливите настапи на фаворитите ветуваат интересна трка за највисок пласман.

ПРВА МАКЕДОНСКА ЛИГА

РЕЗУЛТАТИ 2. КОЛО

ГРУПА А

Ангели – Водно Санс 92:106

Борец баскет – Младинец 95:56

Мега баскет – ИБА Скопје 87:74

Црн Дрим – Феникс 2010 73:128

ТАБЕЛА: Феникс 2010 2-0, Борец баскет 2-0, Водно Санс 2-0, Мега баскет 1-1, Црн Дрим 1-1, Ангели 0-2, ИБА Скопје 0-2, Младинец 0-2;

ИДНО КОЛО (24.10)

Младинец – Ангели

Водно Санс – Мега баскет

Феникс 2010 – Борец баскет

ИБА Скопје – Црн Дрим

ГРУПА Б

Гостивар – Овче Поле 105:66

Вардар – Бутел 90:75

Охрид – Гевгелија 87:60

Тетекс ТТК – слободен

ТАБЕЛА: Гостивар 2-0, Вардар 2-0, Охрид 2-0, Гевгелија 0-2, Овче Поле 0-2. Бутел 0-1, Тетекс 0-1;

ИДНО КОЛО (24.10)

Овче Поле – Тетекс ТТК

Гевгелија – Гостивар

Бутел – Охрид

Вардар – слободен

Се вчитува...