Поранешниот ракометар на Вардар, Дмитро Хорига ќе биде нов член на македонската репрезентација откако беше завршена целата процедура за да може да го облече дресот на националниот тим.
Првиот човек на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов, на денешната прес-конференција објави дека ИХФ дала зелено светло за одличниот бек да може да почне да настапува во црвено-жолтиот дрес.
По официјалната промоција, родениот Украинец даде изјава во која што се заблагодари на цела Македонија…
„Пред сè, сакам да им се заблагодарам на сите што веруваа во мене и ме поддржуваа во текот на целиот овој период. Уште од моите први денови тука, Македонија направи да се чувствувам како дома. И во поразите и во победите, во секој момент од ова патување ја чувствував поддршката од луѓето од сите краишта на земјата. За тоа, сакам од срце да му се заблагодарам на секој од вас!
Во моментов ме обземаат многу различни емоции, бидејќи ова претставува голем чекор во мојот живот – чекор што ја менува мојата перспектива и ми отвора сосема нова страна на ракометот. Ова е огромна одговорност, нов предизвик и ново поглавје што го прифаќам со голема гордост и благодарност.
Знам дека пред мене стојат многу нови искуства, предизвици и одлуки, кои ќе бараат уште поголема сила, карактер и чувство на одговорност. Но, токму ваквите моменти нè поттикнуваат да растеме, да ги надминуваме сопствените граници и да стануваме подобри – не само како спортисти, туку и како луѓе.
Тука доживеав цел спектар на емоции – подеми и падови, тешки моменти и незаборавни победи. Токму тука вистински ја разбрав вредноста на тоа да имаш луѓе што веруваат во тебе, дури и кога работите не се одвиваат според планот.
Во животот на секој спортист доаѓа момент кога е време да направи чекор напред, да прифати нов предизвик и да преземе уште поголема одговорност. За мене, тој момент дојде денес.
Ти благодарам, Македонијо, за довербата, за љубовта и за тоа што стана многу повеќе од само една земја за мене“, порача Хориха.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
