Лазаров по убедливиот триумф: „Резултатот лаже, мора да го подигнеме нивото на реваншот во Австрија!“

Ракометарите на Алкалоид со одлична предност ќе патуваат за седум дена во Виена на реваншот од 2. коло во ЕХФ Европскиот куп откако синоќа на домашен терен славеа убедливо со 31-22 против австриски Ферлах.

Сето тоа, секако, на резултатско задоволство на тренерот Кире Лазаров кој, пак, вели дека и покрај тоа има уште работи кои треба да се поправат за реваншот.

„Имаме одличен резултат. Видовме дека Ферлах е добра, сериозна екипа и затоа се уште немаат пораз во Австрија. Ние, голем дел од натпреварот го одигравме во грч, посебно во напад. Треба да работиме уште. Не сум задоволен од транзицијата и од нападот, мораме да бидеме попрецизни и ракометно подобро да одработиме“, вели Лазаров и дополнува:

„На крајот имаме и преголема предност, девет разлика. Мислам дека гостите заслужија подобар резултат. Среќен сум поради резултатот, но знаеме дека се уште не сме нивото на кое што сакаме да бидеме. Но, радува карактерот на екипата, што на крајот ни ја донесе и оваа предност. Бидејќи се работи за елиминациски натпревар, мислам дека ова добро ќе влијае и психолошки на нив. Не сум задоволен од тоа колку брзо играме. Имаме и објективни причини, но ќе гледам да го подигнеме ритамот. Видовме дека и Ферлах игра брзо, на моменти беа и побрзи од нас и беа доста опасни. Ќе треба да внимаваме и да се подобриме на тоа поле“, изјави тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров.

Се вчитува...