Маџари е првиот патник во прволигашка конкуренција во кошаркарскиот шампионат откако лидерот по регуларниот дел од табелата ја оправда фаворитската улога и во плејофот.
Тимот на стратегот Миодраг Тодоровиќ одигра импресивно во доигрувањето, најпрвин славеше со 2-0 над Охрид, а во полуфиналето со максимални 2-0 беше подобар и од МЗТ Скопје 2. Младите „штркови“ дадоа достоен отпор на првиот меч, но денешниот дуел на нивни терен мина во апсолутна доминација на тимот од Маџари.
Предводени од екс-репрезентативецот Димчевски гостите уште во раната фаза поведоа со двоцифрена предност што ја одржуваа до самиот крај, триумфирајќи со убедливи 55-78 за заслужен билет за елитното друштво.
Во второто полуфинале се среќаваат Ангели и Соколи, при што скопскиот клуб има предност од 1-0 во победи во пресрет на вечерашното гостување во Штип.
За потсетување, Првата лига летово ја напуштаат Вардар и Шкупи како најслабопласирани екипи во елитното друштво оваа натпреварувачка сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА