Кошаркарите на Маџари со шампионскиот пехар во Втората лига, на најдобар начин ја завршија актуелната натпреварувачка сезона во која за првпат во својата историја за изборија за место во Првата македонска кошаркарска лига!
Во финалето на Втората лига, Маџари вечерва во салата „Наум Наумовски Борче“ триумфираше со 79-67 (42-37) против екипата на Ангели, во меч кој не значеше ништо и за поразениот тим со оглед на тоа што и двата финалисти веќе од претходно се изборија за место во Првата лига од следната сезона.
Низ главно израмнет меч, во атмосфера која во секој случај значеше убава прослава на пласманот во елитата за Маџари, избраниците на Миодраг Тодоровиќ беа далеку подобри во последната четвртина во која стекнаа позначајна разлика за на крај заслужена победа од 79-67.
Пехарот за освоената титула во Втората лига на домашните им го додели претседателот на КФСМ, Томица Главчев.
Натпреварот се играше пред бројни гости од спортскиот, политичкиот и јавниот живот во Македонија, меѓу кои и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, деканот на ФФК, Влатко Неделковски, како и бројни македонски кошаркарски репрезентативци и поранешени истакнати членови на КК Маџари кои оставиле силна трага во историјата на клубот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА