Словенечкиот среден бек Миха Котар ќе ја продолжи кариерата во Црна Гора, официјално промовиран како нов ракометар на Будванска ривијера.

Клубот од Будва преку своите социјални мрежи потврди дека 27-годишниот организатор на играта доаѓа на позајмица од македонскиот вицешампион Е. Пелистер.

Котар во Е. Пелистер пристигна од белградски Партизан, каде што настапуваше две сезони. Претходно, во кариерата го носеше дресот на Тримо Требње и Словењ Градец, а има искуство и од настапите во европските купови.
Миха Котар беше еден од попознатите ракометари кои летово дојдоа како засилувања во македонскиот клуб. Но, како одминува времето, малку од нив добиваат поголема минутажа. Ангажманот на Саду Нтанзи на плејмејкерската позиција дополнително ја зголеми конкуренцијата, па шпекулациите дека ќе следат разделби почнаа да се реализираат. Миха Котар е вториот кој дојде летово и заминува. Претходно таков чекор направи интернационалецот од БиХ, Омер Мехмедовиќ.