Раководството на МЗТ Скопје испрати жалба до КФСМ по жестоките казни што му беа изречени на актуелниот првак на Македонија (300.000 денари) и на директорот Тони Грнчаров (двогодишна суспензија) поради наводните навреди кон првиот човек на федерацијата, Перо Антиќ.
Аеродромци реагираат на прекршување на самата процедура при пријавата од Антиќ, но и потенцираат дека првиот човек на КФСМ не може да се чувстсвува навреден од зборот „Небитниот“, со кој самиот тој се потпишуваше во препукувањата со екс-претседателот на КФСМ, Петар Наумоски.
Соопштението на МЗТ Скопје го пренесувамево целост:
Управата на МЗТ Скопје Аеродром официјално испрати жалба до Арбитражната комисија (АК) за казната што клубот и директорот Тони Грнчаров ја добија од Дисциплинската комисија (ДК) по пријава на првиот човек на КФМ, Перо Антиќ, а која одекна силно во јавноста, каде што имаше огромно неверување дека таква бизарна „пресуда“ воопшто може да биде донесена.
Клубот е санкциониран со 300.000 денари, а Грнчаров со суспензија од две години за наводна и недокажана „навреда“ изречена со објава на Фејсбук, во која ниту е споменат ниту во неа може да се најде „засегнатиот“ Антиќ. Жалбата ја засноваме на повеќе поенти и со неа оспоруваме многу небулози според кои сме казнети, а кои веруваме сериозно ќе бидат сфатени од членовите на второстепениот орган за решавање во Куќата на кошарката.
„На МЗТ и на Грнчаров им е скратено правото да се запознаат со содржината на Пријавата поднесена од страна на Антиќ и скратено им е правото да осознае кој прекршок од Дисциплинскиот правилник на КФМ им се става на товар, како и правото по прием на пријавата и увид во нејзината содржина да дадат своја соодветна одбрана. Со ваквата постапка, од страна на ДК е сторена флагрантна повреда на постапката согласно Дисциплинскиот правилник, а во врска со одредбите од Законот за кривична постапка и Европската конвенција за човекови права!“, се вели во делот во кој се докажува дека МЗТ и Грнчаров не ги добиле ниту минималните права како „обвинети“.
Според одлуката на ДК, една од причините зошто Антиќ се почувствувал навреден е и објавена фотографија на која тој бил заматен. Згора тоа, тој се нашол и навреден зашто бил искористен зборот „Небитен“, прекар кој самиот си го наметна низ годините за што приложуваме голем број докази.
„Небитни моменти за фановите на Грнчаров, односно за навивачите на МЗТ од ‘спорната’ фотографија би биле – Антиќ како бивш играч на Работнички, еден од судиите од натпреварот, навивачите од Работнички и домашната сала на Работнички, поради што и тие исто така се заматени, работи кои воопшто не се спомнуваат во одлуката. Со самиот факт дека Антиќ се потпишуваше на секоја изјава како ‘Небитниот’, јавноста го дозна како ‘Небитниот’ и тоа беше поставено како еден сатиричен начин на комуникација од негова страна. До денеска, Антиќ во ниту еден момент јавно не се откажал од овој прекар или, пак, го демантирал, на начин да покаже во јавноста дека со тој прекар трпел штета на неговиот углед, чест и достоинство, односно дека бил навреден. Згора на тоа, во перидот по Суперкупот, ниту еден медиум не му се обратил на Антиќ како ‘Небитниот’ или ‘Заматениот’ во негативна конотација што значи дека никој нашата објава не ја сфатил на таков начин, бидејќи ниту намерата не ни била таква, но и се докажува дека тој не претрпел никаква штета“, се дополнува во жалбата.
За да не ѝ здодеваме јавноста со целата жалба, ќе го споменеме уште и делот каде што потенцираме дека Антиќ нема никаква правна легитимација да се пронајде себе си во објавите на социјалните мрежи на МЗТ и на Грнчаров.
„Антиќ ниту е цитиран директно и недвосмислено со име и презиме, ниту како овластено лице на федерацијата, ниту индиректно се алудирало на него, ниту е демонстрирана намера за било кое лице да биде омаловажено, ниту има омаловажувачки речник во текстот или фотографијата, а не е ниту повредена неговата чест и углед. Сметаме дека постои недостиг на активна легитимација за Антиќ да би бил наводно оштетен со навредлива содржина на текст или фотографија и како индивидуа-спортско јавно лице или како највисок спортски функционер во кошарката. Воедно, тој како јавна личност МОРА да има поголем степен на толеранција на тоа што се објавува и поврзува со него, односно би требало да нема суета бидејќи индиректно работи за сите нас. За ова поднесуваме и пракса од Европскиот суд за човекови права“, објаснуваме во жалбата.
Од членовите на Арбитражата бараме да не подлегнуваат на притисоци и да бидат свесни дека се должни да решаваат не само според актите на КФМ туку и сопствената совест и законските регулативи во државата, што секако дава поголема тежина на нивната одлука. Истовремено, се надеваме дека се свесни за одговорноста и дека не смеат да си дозволат решението за нашата жалба да биде донесено од лица инволвирани во првостепениот процес ниту, пак, од лица кои се во директна приватна деловна-врска со тој што ја има поднесена оваа небулозна пријава, со цел да нема конфликт на интерес.
Сето ова го објавуваме со желба да ја информираме јавноста дека ја продолжуваме „војната“ против небулозната одлука на КФМ, на правен и легитимен начин, со сите средства што ни се на располагање според регулативите на федерацијата и на државата. Веќе рековме дека сме подготвени да одиме до крај и да бараме правда, но и одговорност за секого, ако се продолжи со кршењето на нашите права, на актите на КФМ, но и на законите на Република Македонија. И остануваме на дадениот збор“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА