Женската ракометна репрезентација на Македонија претрпе пораз од 22-18 на првиот дуел од баражот за СП 2025 против селекцијата на Полска. Домаќинките ја оправдаа фаворитската улога во голем дел од мечот, на десет минути до крајот имаа 22-12, но Македонија покажа дека никогаш не се предава, со фуриозен финиш стигна до „минус четири“ како најава за пеколна атмосфера на реваншот што е закажан за сабота во Битола.
Голманот на нашиот национален тим Јована Мицевска вели дека таа и нејзините соиграчки ќе одиграат максимално во чест на сите загинати од страшната несреќа во Кочани.
„Во Полска покажавме една добра игра и борбеност. Сите бевме 100% фокусирани на најважните моменти од натпреварот. Покажавме карактер дека можеме да се вратиме во натпреварот и да ја намалиме разликата. На утрешниот натпревар мора да продолжиме со ист ритам, мотивацијата и желбата кај секоја од нас е на високо ниво. Свесни сме дека салата ќе биде полна и ќе имаме огромна поддршка од публиката. Верувам дека на ниеден противник не му е сеедно да биде на паркетот во „Боро Чурлевск“и. Ќе дадеме се од себе и се надеваме на позитивен резултат. Сочувство за семејствата на настраданите во Кочани,ќе играме со сите сили и за нив во овие тешки моменти за Македонија, барем малку ако можеме да ја ублажиме оваа тага со тоа што ќе се пласираме на Светско Првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА