Нов удар за Душебајев: Полска без Сипжак на СП

Талант Душебајев не може да крене глава од проблеми со составот на полската репрезентација на десет дена пред премиерниот натпревар од СП во Франција. Камил Сипжак е последниот ракометар што го откажа настапот на мундијалот откако 25-годишниот пивот не успеа навреме да се рехабилитира од повредата.

Душебајев чекаше на членот на Барселона десетина дена, но откако стана јасно дека проблемите со коленото се премногу сериозни за да се решат за десетина дена, полскиот селектор и официјално објави дека нема да смета на Сипжак за претстојниот мундијал. Така, полскиот џин не се најде меѓу патниците за турнирот во Ирун, Шпанија, што ќе претставува и генерална проба пред стартот на Светското Првенство.

Само за потсетување, два месеци пред мундијалот своето повлекување од националниот тим го објавија Бартош Јурецки, Лијевски, Бјелецки и Шмал, во меѓувреме се повредија и голманот Вишомирски и Михал Јурецки, така што е јасно дека Полјаците со целосно променет ростер ќе се обидат да сторат нешто повеќе на овој мундијал.

Само за потсетување, оваа селекција е дел од групата А, каде за противници ќе ги има Франција, Русија, Норвешка, Бразил и Јапонија.

Се вчитува...