Ракометарите на Охрид на убедлив начин дојдоа до петтата победа во седмото коло од Суперлигата.
Охриѓани се подготвуваат за стартот на одбраната на трофејот во Европскиот куп, денеска со убедливи 26:42 како гости славеа против Мулти Есенс.
По воведните минути, Охриѓани со серија од пет гола едноподруго поведоа со 3:8 со што ја навестија победата. До крајот на полувремето, предноста за гостите се зголеми на плус осум (13:21). Во вториот дел, Охрид веднаш направи двоцифрена предност и рутински ја одржуваше до крајот на мечот за триумф од 26:42.
Доминик Мате со осум гола беше најпрецизен кај победникот каде се истакнаа и Лиапис со шест и Зечевиќ и Савревски со по пет постигнати голови, додека во редовите на Мулти Есенс по четири голови дадоа Ѓоргиевски, Гурмешевиќ и Ѓокески.
Убедливата победа е најдобра најава за идниот викенд кога Охрид со двата дуели против Спор Тото во салата „Билјанини извори“ ќе ја започне одбраната на титулата во Европскиот куп.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
