ПОД ОБРАЧ: Поглед кон иднината

Марио Диванисов

Мисија Талин, тоа е новиот предизвик пред кој се наоѓа македонската кошаркарска репрезентација по поразите од Естонија и Русија во првиот квалификациски прозорец за Европското првенство 2022 година. Двата порази од минатиот ноември оставија рана, но и покажаа дека на играчкиот кадар што го носеше товарот во минатото му е неопходна помош од помладите.

Процесот на подмладување мора да се спроведе со дела, не само со вклучување на младите во тренажниот процес, туку и со давање шанса за време на натпреварите. Љубомир Младеновски, Виктор Ефремоски, Андреј Магдевски, Филип Бакоч, Кристијан Николов, Леонид Тодоровски…, се дел од играчите кои можете да ги сретнете на списокот на патници во Талин. Убаво е да се запомнат овие имиња бидејќи истите ќе ја предводат македонската кошарка во наредната декада.

Доколку мислевте дека претходната смена на генерации беше дно за македонската кошарка, сега некако е поочигледно дека тргнуваме кон нов турбулентен период на репрезентативно ниво. Не станува збор за оспорување на квалитетите на нашите кошаркари, туку недоволниот број на играчи кои треба да го превземат товарот во репрезентацијата.

Како што вели селекторот Тодоров, потребен е спој од искуство и младост, којшто во моментот го имаме, но доколку не очекуваме браќата Стојановски, Марко Симоновски, Бојан Трајковски и останатите играчи од таа златна генерација да ги бранат „црвено-жолтите“ бои во петтата деценија од животот, набргу ќе го изгубиме искуството, а младоста ќе треба да ја причекаме.

Истото ќе биде одраз на изгубените генерации кошаркари. Статистиката во Првата лига вели дека само 16 играчи од шест генерации настапуваат на терените во нашата елита. Генерација ’90 нема ниту еден „претставник“, ’91 од своите редови има само два „хероја“, ’93 брои шест играчи, ’94 повторно два, додека ’95 има пет играчи. Сериозен проблем кој допрва ќе се одрази.

Но, не е се така црно… Во два наврата, младинската репрезентација која не враќа во А-дивизија подоцна прави голем поттик на континентално првенство, а ние имаме такви златни момци во нашите редови.

Она што е потребно да се направи во наредниот период е да се даде шанса. Претходно спомнатите играчи, секако со оние кои што недостасуваат како Димитријевиќ, Маслинко, итн, мораат да добијат шанса во прв план, да се натпреваруваат и да собираат искуство уште сега. Притоа да се направи еден костур на репрезентацијата кој во следниот период само ќе се полни со играчи како Савичевиќ, Митревски, Андоноски, Јакимовски, Митовски, Симиќ, Стојановски…

Мора да учиме од грешките од минатото, да се соочиме со реалноста и да направиме стратегија за иднината. Како што посочи тренерот Горан Крстевски во интерјуто за ЕКИПА, мора да профукционира и таа т.н. „Б-репрезентација“ каде младите играчи ќе се собираат и ќе се воигруваат со што сериозно ќе се дејствува и ќе се сфати иднината на македонската кошарка.

Се вчитува...