ПОД ОБРАЧ – Горан Крстевски: Зошто младите кошаркари ретко добиваат шанса…

Кога говориме за младинската кошарка, еден од оние кои долги години не само што е дел од неа, туку и многу често освојува трофеи е Горан Крстевски. Стратегот што постигна извонреден успех со М18 селекцијата на МЗТ пред две години, кога речиси истиот тим успеа да го внесе и во Првата лига за сениори сега почнува со работа со нова генерација во „металците“. Сепак, со својата стручност и искуство тој е одличен соговорник за да ги детектира и отворено да ги изнесе на површина проблемите со кои се соочува младинската кошарка.

„Со целата ситуација се искомпликуваа и тие услови што ги имавме. Изгубивме термини, голем е и стравот кај родителите за контактите пред и на тренингот, дали децата се дружат по тренинг и слично. Многу деца отсуствуваат не од тоа што се болни туку од стравот да не се заразат. Имаме мака и со бројот на тренинзи, училишните сали кои немаат посебен влез се затворени, во МЗТ сега функционираме само во СЦ „Ново Лисиче“ и тренираме само четири генерации: 2003, 2004, 2005 и 2006 и тоа тренираме некогаш по три деца, шест, дванаесет деца. Доколку продолжиме само со сув тренинг, без натпревари се плашам дека може и да изгубиме една или две генерации бидејќи на таа сензитивна годишна возраст од 14, 15, 16 години да не играат две сезони е страшна дупка во овој дел од кариерата. Едноставно истиот не може да се надомести“ – го почнува разговорот Крстевски за ЕКИПА.

Од цели шест генерации ние имаме само 16 играчи кои оваа сезона го носат дресот на прволигашките клубови. Притоа, генерација ’90 нема ниту еден „претставник“, ’91 од своите редови има само два „хероја“, ’93 брои шест играчи, ’94 повторно два, додека ’95 има пет играчи. Еден сериозен проблем за лигашките тимови, но и репрезентацијата, поготово онаа која што допрва треба да не предводи. Каде ја гледате вината?

„Играчите ги губиме помеѓу 18 и 22 година. Тие до 18 играат во првиот тим и се 11, 12 или 13, 14 играчи и служат само за тренинг или првиот дел од тренингот. Кога се тренира пет на пет, се тренира само со репрезентативци и странци , минути добиваат само ако некој е повреден или водиме 40 разлика. Тука ги губиме играчите.  Голем проблем се  управите на клубовите, кои упорно бркаат некаков си резултат (а сеедно е дали си трет, четврти, петти или седми бидејќи секако не се игра во Европа), не давајќи им слобода на тренерите да им дадат поголема минутажа на помладите. Тренерите бркаат некаков си пласман и сметаат само на најискусните, а во суштина цената ја плаќаат младите играчи. Дел од кривицата е и кај играчите кои мегаломански настапуваат и мораат да играат во МЗТ или Работнички, сега или не играм. Не смее да се заборават ниту преамбициозните родители, кои често крајно нереално гледаат на квалитетите на своите деца“.

Притоа, тој додава и примeри од минатото, како талентираните играчи биле испраќани во пониски лиги, каде го добивале неопходното искуство.

„Уште во поранешна Југославија најталентираните играчи ги праќаа во Втора лига на така наречено „калење“ каде ќе се бруси талентот и игра 40 минути со топка во раце. Таков беше и Пеце Наумовски, кој играше и во Прва лига, но и во Втора лига каде што даваше по 40, 50 поени. Тој стана тоа што е поради тоа што не му беше под чест да игра во Прва македонска лига. Своевремено на позајмици одеа и играчи како Књазев, Блажевски, Војновиќ, свесни дека тоа само ќе им помогне да станат подобри играчи. Денеска на децата кога ќе им кажеш дека ќе те пратам таму година дена, тој е навреден зошто си го испратил. А има и такви кои што го прифаќаат тоа со две раце и викаат супер одам да играм таму. Тренерите највеќе разбираат и знаат што е потребно. Тренингот е тренинг, но минутите на терен се тие кои го прават играчот поискусен, помотивиран“ – вели еден од најдобрите македонски тренери за млади категории.

Еден од позитивните примери за добивање на неопходно искуство е настапот на младиот тим на МЗТ Скопје во младинската АБА-лига, каде „штркчињата“ за малку не се пласираа во полуфиналето.

„Јас имав лани шанса да го водам МЗТ на таа младинска АБА лига, чија што организација е на неверојатно ниво, и бевме рамо до рамо во сите аспекти со сите екипи. Многу голем плус за МЗТ е тоа што има слух за такво нешто да на своите млади играчи им овозможи да ги измерат силите со сите екипи од поранешните „Ју“ простори, а знаеме каква е конкуренцијата. Секој наш резултат и секоја наша победа таму е голем ќар за МЗТ, за децата и за македонската кошарка. Тоа се натпревари каде што стварно младите играчи растеа од ден во ден, ја набилдаа својата самодоверба, дигнаа глава, знаеја дека веќе вредат и се носат со играчи кои за година-две ќе играат во јадранска лига. И нашите кои играа во оваа лига сега играат во МЗТ и МЗТ2, и се надевам дека нивниот раст треба да премине во еден континуитет и се надевам дека и следната година ќе бидеме повикани од АБА лига“ – продолжува популарниот Кичо.

Како треба да изгледа Втората лига, која во моментов е еден вид „развојна“ лига во која има над 170 играчи родени во или пред 2000 година?

„Втората лига е одлична шанса за развој на млади играчи и јас би додал дека со мали корекции таа лига треба да стане развојна која ќе ги храни прволигашите со играчи. Можеби постарите играчи кои играат во Втора лига ќе ми се налутат, но јас би направил граница каде најстарите играчи би биле максимум до 26 годишна возраст. Исто би ставил и граница под 17 години да не играат во таа лига бидејќи се се уште физички несозреани и многу лесно може да дојде до повреди. Дете од 14 години не може да игра против некој од 26 години, едноставно таков талент што е способен да игра со толку повозразни се раша еднаш во 50 години, а кај нас гледаме случаи секоја година. Од 18 до 22, односно до 24 година се годините кога најмногу се учи кошарката зошто тогаш се тие психофизички, умствено, здравствено развиени, од сите апсекти. Со ова ќе растат и тимовите и самите играчи. Во ваков случај клубовите од првата лига ќе драфтуваат, односно ќе имаат што да гледаат тренерите на второлигашките натпревари“ – порачува тренерот на младинската школа на МЗТ Скопје.

Што се случува со А-репрезентацијата, каде селекторот Тодоров најави подмладување…

„Потегот на Тодоров јас максимално го поддржувам. Тој свесно на искусните играчи им придодава младински репрезентативци, таленти кои се некаков проспект и полека собираат големо искуство на собири, натпревари, а некој од нив и ќе влезе во ростерот без разлика на околности. Лани имаше и таканаречена „Б репрезентација“ која постоеше и од времето на Југославија и таа настапуваше на медитерански игри, балканијади и слично. Истата треба да се примени повторно со еден стручен состав од тренери, да имаат подготовки, федерацијата да им организира мини-турнеја… Тие млади играчи кога би одиграле во следните пет години, десетина меѓународни натпревари годишно, тоа би им било огромен плус. Кога Б-селекцијата ќе добие на значење, играчите ќе знаат дека преку неа се влегува во А-тимот, а ќе се играат и квалитетни натпревари, тоа е она вистинското. На овие натпревари кога ќе ги дополниш и оние натпревари до 14, 16, 18, ете го искуството, тука е правата бројка за да кажеме дека нема изгубена репрезентација и нема изгубени генерации“ – оптимист е за иднината Горан Крстевски.

Се вчитува...