Ракометната федерација на Македонија (РФМ) презема иницијатива за дополнителен развој и популаризација на ракометот кај најмладите, најави организација на турнири во категоријата помлади пионери У13, наменети за деца родени во 2014 и 2015 година.
Во таа насока, РФМ ги повикува сите заинтересирани ракометни клубови да достават пријави најдоцна до среда, 21 октомври. Клубовите треба да го наведат своето име, бројот на екипи со кои планираат да учествуваат, како и податоците за младите ракометари, со име, презиме и датум на раѓање. Потребно е јасно да се разграничат машките и женските екипи, со посебно прикажан број на деца за секоја категорија и генерација.
Првиот турнир е планиран за 31 октомври во Скопје, по што активностите треба да продолжат и во други градови низ Македонија. Со ваквиот формат, федерацијата има за цел да им овозможи на најмладите ракометари повеќе можности за натпреварување, стекнување искуство и развој на спортските вештини.
Покрај категоријата У13, федерацијата ги повика клубовите да достават информации и за децата родени во 2016 година и помлади, кои би биле заинтересирани за учество во активности и турнири во мини ракомет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
