Македонската ракометна репрезентација полна со самодоверба влегува во новиот квалификациски циклус за ЕП 2028, желна да се одржи континуитетот од настапи на големите натпреварувања што трае повеќе од една деценија.
Во првите две рунди Македонија се среќава со Луксембург и со Грција, ривали против кои две победи широко би ги отвориле вратите кон билет за европското првенство.
„Се собравме на две седмици пред почетокот на квалификациите за ЕП 2028, ни следат два меча, еден на домашен терен со Луксембург по што ќе следи и гостувањето во Грција. Селекторот Лазаров во следната седмица ќе го објави списокот, јас накратко ќе кажам дека ќе направиме се, да биде пракса и во иднина – да одржуваме прес-конференција на која ќе говориме за нашите планови и амбиции. Играме во една група во која Шведска е фаворит, Грција е ривал што е незгоден, што покажа во последните година две дека може да се носи со сериозни репрезентации, но сметам дека ние сме поискусна селекција со еден од најдобрите селектори во Македнија, така што очекуваме победа и во Грција, не одиме со бело знаме, сметаме дека сме поквалитетни. Нормално, очекуваме пласман и на ЕП 2028, се надевам дека се ќе биде во најдобар ред, играчите ќе бидат здрави и ќе донесеме радост на цела Македонија“, истакна првиот човек на РФМ, Александар Стефанов.
Селекторот Лазаров очекува жестока битка, пред се на гостувањето во Грција против ривал што неодамна приреди големо изненадување во баражот за СП 2027 славејќи над Холандија.
„Списокот го планирам за почетокот на следната седмица, ги следиме сите ракометари, така што нема да брзаме со скратениот список. Нема да брзаме, конкуренцијата за секое место во тимот е голема. Нема да потцениме никого, дури ни Луксембург кој доби сериозен селектор откако го именуваше Дидие Динар, легендарниот Французин. Што се однесува до дуелот со Грција, тоа ќе биде вистински, тврд меч само за карактерни играчи. Грците покажаа со победата над Холандија и пласманот на СП, направија големо изненадување и покажаа дека поседуваат квалитет. Тоа ќе биде вистински испит за нас, добро ќе се подготвиме, тоа го покажавме и во баражот со Словачка, треба да продолжиме во исто и во уште подобро темпо во периодот што следи“, изјави Лазаров на денешната прес-конференција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
